Ексклузивности, актуелности и медиум од доверба!

Децата во Европа се враќаат во училиште и покрај коронавирусот

63

И покрај растот на бројот на инфекциите со коронавирус, многу европски земји одлучија по секоја цена да ги вратат децата на училиште. Учебната година ќе почне во првата недела на септември со превентивни мерки.

Без оглед на вирусот, властите во европските држави се одлучни да ги вратат децата во училишните клупи, заради нивната добросостојба, но и за да им овозможат на родителите да се вратат на работа. Соочени со раст на бројот на заразени, властите во Франција, Британија, Шпанија и други земји воведуваат задолжително носење маски, вработуваат дополнителни наставници и доградуваат училници.

За разлика од училишната сага во САД која е исполитизирана и хаотична поради обидите на претседателот Доналд Трамп по секоја цена да ги отвори училиштата, европските влади досега не се соочија со голем отпор.
Иако во последниот период вирусот ги нападна училниците од Берлин до Сеул, а некои наставници и родители предупредуваат дека училиштата не се подготвени, европските лидери, без оглед на идеолошката припадност, испраќаат невообичаено конзистентна порака: Дури и во пандемијата, за децата е подобро во училиште.

Време за враќање

Францускиот премиер во средата вети дека „ќе стори се“ за да ги врати граѓаните во училиште и на работа. Британскиот премиер Борис Џонсон го нарече повторното отворање на училиштата „морална обврска“, а неговата влада им се закани со казни на родителите кои ќе ги задржат децата дома. Италијанскиот министер за здравство месецов наеднаш ги затвори дискотеките заради една цел „да се отворат училиштата во септември целосно безбедно“.
Како родител и наставник, Матјо Маијард има зошто да биде загрижен пред отворањето на училиштата во Франција во вторник. Стапката на заразени од коронавирус на 100,000 жители во Франција порасна за пет пати во последниов месец. Како неговата 5-годишна ќерка ќе одржува безбедна дистанца од своите другари кои едвај чека да ги види за првпат по 6 месеци? Како тој ќе ја добие довербата на своите средношколски ученици, во една од најопасните населби во Марсеј, доколку мора да води сметка кој носи маска?

Но севкупно, Маијард смета дека е дојдено време за враќање. „Училиштата мора повторно да отворат во некој момент. Здравствените ризици постојат, но ризикот децата да не тргнат во училиште е уште поголем“. За време на карантинот, вели тој, некои ученици никогаш не се приклучиле на неговите онлајн предавања за француската литература. Дел немале место за учење, други ни компјутер.
„На нашите ученици навистина многу им е потребно училиште. Некои од нив растат во средина која е преплавена со насилство и дрога. Училиштето е место каде што можат да дишат“, вели Маијард.

Напиши Одговор

Вашата емаил адреса нема да биде објавена.