Ексклузивности, актуелности и медиум од доверба!

Виролог од Германија со решение против идни можни пандемии

65

Раното откривање на потенцијално опасен вирус би можело да спречи појава на слични пандемии во иднина, вели Стефан Лудвиг, директор на Институтот за молекуларна вирологија на Универзитетот во Минстер, во видео што во понеделникот го објави универзитетот.

Важно е да се следат клучните нови случувања, како што е ситуацијата на пазарите за живи и диви животни во Азија, а се верува дека вирусот Сарс-КоВ-2 токму оттаму преминал од животни на луѓе.

– Ако за време на рутинска инспекција на пазарите со живи животни се открие зголемен број на инфекции, веднаш треба да се вклучат „сопирачките“ за да се спречи брзо ширење на вирусот – вери Лудвиг. Тој верува дека системот на рано предупредување може да го почне Светската здравствена организација или Обединетите нации.

Сличен повик во средината од јули упатија и научниците во престижното списание „Сајнс“. Тие ја истакнаа потребата да се создаде систем за рано предупредување за појава на животински вируси и нивно потенцијално ширење кај луѓето.

Одредени животински видови може да бидат систематски тестирани за голем број вируси, на пример, тестирање на различни коронавируси на пазарите за животни и фармите за животни.

Експерти од Програмата за заштита на животната средина на Обединетите нации и Меѓународниот институт за истражување на сточарството и претходно предупредуваа дека животинските болести сè повеќе ќе се пренесуваат на луѓето, како резултат на зголеменото уништување на животинските видови и нивните екосистеми.

Лудвиг потсети на ситуацијата од 1997 година кога помеѓу 15 луѓе во Хонг Конг бил откриен птичјиот грип Х5Н1.

За да се спречи неговото ширење, веднаш биле убиени 3 милиони кокошки. Иако вирусот повторно се појави неколку години подоцна, брзата реакција била клучна, истакнува Лудвиг.

Тековната пандемија на новиот коронавирус не е лесна за контролирање, смета Лудвиг, додавајќи дека сепак може да послужи како еден вид тест. Тој вели дека Сарс-КоВ-2 не е во голема мера агресивен вирус, па може да се испробаат и да се тестираат сите мерки. За споредба ги споменува другите тешки епидемии од чии последици умира секое второ лице.

Лудвиг смета дека забраната за постоењето на „мокрите пазари“ е нереална. Иако се размислува за тоа, тие се составен дел од животот на некои народи.

– Ваквите пазари се составен дел од животот и културата на еден народ и тешко дека ќе им го забраниме на Кинезите нивното постоење – вели германскиот научник. Тој верува дека пред сè треба да се запрашаме зошто постојат такви пазари.

– На ваквите пазари животните се продаваат живи бидејќи луѓето немаат технологија и средства за да го спречат расипувањето на храната – вели научникот и како можно решение предлага воведување на замрзнувачи на овие пазари.

На глобализацијата гледа како на растечка закана за развојот на таканаречени зоонози, патогени што можат да се пренесат од животните на луѓето.

– Сега може да се зборува за поголем ризик бидејќи начинот на ширење се промени – вели тој.

Напиши Одговор

Вашата емаил адреса нема да биде објавена.